Голманот на Бенфика, Анатоли Трубан, е херојот во последното коло од Лигата на шампионите откако постигна гол против Реал Мадрид. Сите мечеви беа завршени, а се чекаше само судијата да свирне крај и на дуелот во Лисабон, каде што Бенфика водеше со 3:2 против Кралскиот клуб. Сепак, на домаќините им беше потребен уште еден погодок за да стигне до потребната гол-разлика и да се искачи на 24-тото место, последно кое води во нокаут фазата.
Се играше 90+8 минута кога Турбан тргна буквално во последниот напад на Бенфика. По еден центаршут, токму голманот на Бенфика успеа да даде гол за посакуваната победа од 4:2.
Трубан е само петти голман кој успеал да даде гол на дуел во Лигата на шампионите. По еден гол постигнувале и Болат, Енјеама и Проведел, а еден голман е посебна приказна во ЛШ. Тоа е Ханс Јорг Бут, голманот кој може да се пофали дека е единствен што постигнал три гола во ЛШ.
Тоа што е неверојатно е дека Бут има дадено три гола со три различни клубови во ЛШ, но сите три се против ист противник. И сите голови ги има дадено од пенал затоа што тој беше експерт за погодување од белата точка.
Бут сите три гола во ЛШ ги има дадено против Јувентус. Првиот го даде како голман на Хамбургер во 2000 година, кога одиграа 4:4 против Јувентус. Потоа бранеше за Баер Леверкузен и даде гол во победата од 3:1 против Јувентус во 2002 година. Третиот погодок Бут го постигна како голман на Баерн Минхен, и тоа на гости, верувале или не повторно против Јувентус, во победата од 4:1.

