Во модерниот свет не важи „пола за нив, пола за мене“ како што вели Атиџе, а тоа најдобро го осети Милан

Многу Македонци останаа без сон ноќеска, но не за да гледаат НБА Олстар, Супербол, финале на Копа Америка меѓу Бразил и Аргентина или некој друг спортски настан, туку за да следат Оскари. Оваа година, Оскарите имаа посебен шарм за Македонија. По повеќе од две децении, се најде филм што ќе ја претставува Македонија на најпрестижните филмски награди во светот.

„Медена земја“ и Атиџе Муратова тргнаа во поход да го направат тоа што пред 25 години не му успеа на „Пред дождот“, да ја освојат вредната статуетка. Шансите за тоа беа удвоени затоа што „Медена земја“ беше во две номинации за Оскар, за најдобар интернационален филм и за најдобар документарец.

Некако повеќе шанси дававме во категоријата за најдобар документарец, затоа што во категоријата за најдобар интернационален филм беше номиниран и „Паразит“. Јужнокорејскиот филм се покажа како апсолутен фаворит. Не само што ја доби наградата во таа категорија, туку на крајот доби Оскар и за најдобар филм, покажувајќи дека е апсолутен победник.

Пред да тргне кон Лос Анџелес, скромната, но полна со оптимизам Атиџе најавуваше дека е добро да биде и еден Оскар, затоа што нејзината филозофија е „половина за нив, половина за мене“. Ова е реплика која Атиџе ја кажува во филмот, а се однесува на медот кој го дели на половина со пчелите.

Сепак, во модерниот свет одамна не функционира тоа „половина за мене, половина за нив“. Во категоријата за најдобар документарен филм победи „Американска фабрика“, која е во продукција на фирмата на поранешниот претседател на САД, Барак Обама.

Иако „Медена земја“ не освои Оскар, дефинитивно тоа беше нашиот најголем репрезент во светски рамки годинава.

ИНТЕР „ГО СОБРА МЕДОТ“ ОД ГРАДСКОТО ДЕРБИ

Ако нешто може да се спореди меѓу „Медена земја“ и големото миланско дерби меѓу Интер и Милан, е токму тоа дека на фудбалскиот спектакл имаше едно полувреме за Милан, а едно за Интер. Сепак, дека на крајот не секогаш е половина за едниот, а половина за другиот, се покажа и на „Сан Сиро“.

Милан одигра одлично прво полувреме, водеше со 2:0 и во најава беше голема победа против вечниот ривал. Сепак, во второто полувреме се случи целосен пресврт. Интер ја доби „својата половина“, и тоа многу поубедливо. Нераѕурите не само што стигнаа од 0:2 на 2:2 туку до крајот и победија со убедливи 4:2.

ПАНДЕВ Е ФУДБАЛСКОТО ЗЛАТО НА МАКЕДОНИЈА

Ако „Медена земја“ е културното злато кое се појави во последниве неколку месеци и ја промовираше Македонија, тогаш Горан Пандев е „вечното фудбалско злато“ што го имаме. Капитенот на македонската репрезентација речиси пред 20 години замина во Италија да го докаже својот квалитет, а и по две децении потврдува дека блеска на теренот.

На дуелот против Калјари, Пандев беше резерва, но влезе во игра во 39-тата минута. Само четири минути му беа потребни на струмичанецот да даде убав гол, кој на крајот се покажа и како победнички за Џенова. По мечот имаше многу коментари за тоа дека Пандев е вечен и дека едноставно сам може да ја спаси Џенова од испаѓање.

Врвот на кариерата за Пандев секако ќе биде пласман со Македонија на Европското првенство кое се игра оваа година. Остануваат само уште два чекори за тоа да се случи. Потребна е победа против Косово на 26 март во Скопје, а потоа и во финалето Македонија да се радува за да имаме врв на кариерата на Пандев, но и кулминација за македонскиот спорт.

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести