Во Премиер лигата во последното коло може да гледаме финале за пласман во Лигата на шампионите!

Манчестер јунајтед вечерва на „Олд Трафорд“ го пречекува Саутхемптон во последниот меч од 35-тото коло на Премиер лигата. Ако гостите се сигурни на средината на теренот и немаат поголеми амбиции, за Манчестер ова е дуел кој мора да го добие.

По многу борба, Црвените ѓаволи конечно денеска имаат шанса да стигнат до позиција која води во Лигата на шампионите. Евентуални три бода против Саутхемптон ќе значат дека Манчестер јунајтед ќе биде на третото место на табелата, прескокнувајќи ги Лестер и Челзи. Двата ривали на Манчестер во ова коло загубија убедливо (Челзи со 3:0 од Шефилд, а Лестер со 4:1 на гости кај Борнмут), па тимот на Оле Гунар Солскјер има добитна позиција.

Сепак, дури и да победи Манчестер, тоа нема да значи мирен сон затоа што во последните три кола, трите клуба ќе водат голема битка за двете позиции во ЛШ. Челзи моментно има 60 бодови, Лестер е со 59, а Манчестер јунајтед има 58 бодови и вечерашниот меч против Саутхемптон.

Каков е распоредот на трите клуба до крајот?

Челзи има зицер во следното коло против Норвич, потоа гостува кај Ливерпул, а на крајот дома игра против Вулверхемптон.

Лестер е домаќин на Шефилд, потоа гостува кај Тотенхем, а во последното коло игра против Манчестер јунајтед на свој терен.

Манчестер освен денешниот меч со Саутхемптон, треба да гостува кај Кристал палас, потоа дома игра со Вест хем, а во последното коло треба да се соочи на теренот на Лестер. Ако остане неизвесноста и тесниот пласман до последното коло, на стадионот „Кинг пауер“ може да гледаме вистинско финале за пласман во Лигата на шампионите меѓу Лестер и Манчестер јунајтед.

 

- Оглас -

Најнови вести