7.8 C
Skopje
понеделник, 15 декември 2025

Во Реал нема мир ни по победа: Чаби Алонсо е во дисбаланс со ѕвездите во тимот

Чаби Алонсо малку здивна, но и понатаму останува прашањето дали ќе успее да исплива и да ја надмине кризата во Реал Мадрид.

Неговиот тим го совлада Алавес со 1-2, но критиките повторно не изостанаа. Во популарната шпанска емисија „Ел Чирингито“ преовладува ставот дека Чаби Алонсо и оваа соблекувална на Реал не можат заедно бидејќи имаат целосно различен пристап. Чаби Алонсо е тактичар со јасни методи кои бараат многу поголеми жртви во корист на тимот, додека ѕвездите на Реал се премногу силни индивидуалци за да се прилагодат на тоа.

Заклучокот по победата во Виторија е дека таа беше плод на индивидуалниот квалитет на Мбапе и Винисиус, кои со своите соло продори практично сами ги „изродија“ двата гола.

Сепак, јасно е дека играчите навистина стојат зад Чаби Алонсо, што се виде по нивното залагање, но играчките навики тешко се менуваат. Аналитичарите повторно го забележаа отсуството на игра без топка кај Килијан Мбапе и Винисиус јуниор и истакнуваат стравување дека посилните ривали ќе знаат тоа да го казнат.

Доверливи извори пишуваат дека Чаби Алонсо си купил време до Суперкупот на Шпанија, кој ќе ја одреди неговата иднина во клубот. До паузата Реал има уште два натпревари, во Купот на Кралот против нисколигашот Талавера, а потоа во сабота на „Бернабеу“ гостува Севиља.

По ова, Реал на почетокот од годината го пречекува и другиот клуб од Севиља, Бетис, по што патува во Ријад на турнирот од Суперкупот, каде што во полуфиналето ривал ќе му биде Атлетико Мадрид.

Секако, можно е и финале повторно против Барселона, како и во претходните четири години, а токму овој турнир против најголемите ривали во Шпанија би можел да покаже колку Чаби Алонсо успеал да влијае врз екипата и да се прилагоди на целата ситуација.

Сè на сè, во Реал нема мир ни кога се победува бидејќи сè се мери и се преиспитува по неколкупати, а Чаби Алонсо тоа го почувствува премногу често во изминатите недели.

- Оглас -

Најнови вести