Во виното е вистината и проблемот на Јувентус – Новото засилување Артур возел пијан и имал сообраќајка

Артур Мело имал мала сообраќајна незгода со своето „ферари“, а поголем проблем е што бил во алкохолизирана состојба и чека казна.

Новиот играч на Јувентус на една од сообраќајните рути за влез во Барселона загубил контрола над возилото во раните утрински часови и слетал од патот, за среќа, без последици и за себе и за учесниците во сообраќајот.

Инцидентот се случил утрово во четири часот, а Артур имал над дозволената количина алкохол, па ќе мора и да одговара.

Новиот член на Јувентус, кој пристигна во Торино во трампата на Барселона и Старата дама во која е вклучен и Миралем Пјаниќ, им правеше многу проблеми и на Каталонците.

Откако разбра дека е вишок во Барселона, не сакаше да се врати од Бразил и бараше предвреме раскинување на договорот. Потоа и од таборот на Барселона му вратија на малку и нефер начин и не го пуштија да влезе на стадион за реванш-мечот од осминафиналето во Лигата на шампионите со Наполи на „Камп ноу“.

Во новата сезона Артур треба да биде засилување за Јувентус и да го пополни местото што со заминувањето на Пјаниќ остана празно во средниот ред на шампионот на Италија, кој очигледно ќе има проблеми да го скроти немирниот дух на одличниот Бразилец.

- Оглас -

Најнови вести