Воинствено дерби: три црвени и 10 жолти картони, а на крајот немаше победник

Можеби Бетис и Севилја немаат популарност како други големи европски клубови, но нивното градско дерби секогаш носи посебен шарм. Вечерва Бетис беше домаќин на Севилја, а на крајот мечот заврши 1:1 и немаше победник.

Иако ремито можеби делува мирољубиво, на теренот се водеше фудбалска војна, па не чуди што на крајот имаше три црвени картони и дури 10 жолти картони. Серијата јавни опомени започна во 38-мата минута, кога Монтиел доби директен црвен картон и Севилја остана со играч помалку.

Кратко траеше играчката негатива на Севилја затоа што во 45-тата минута беше исклучен и Фекир кај Бетис. Пред да биде Фекир исклучен, домаќините поведоа благодарение на автоголот на Навас.

Само што започна вториот дел, нов црвен картон за домаќините, а овојпат Иглесиас беше исклучен. Од тој момент Севилја имаше фудбалер повеќе на теренот и гостите успеаја да израмнат во 82-рата минута со голот на Гудељ. Во второто полувреме, дури петмина играчи на Севилја добија жолт картон, а тројца играчи на Бетис „пожолтеа“.

На крајот Бетис со освоениот бод стигна до 24 бода и сега е на четртото место на табелата, додека Севилја само со 11 бодови е на 17-тата позиција на табелата во Примера дивисион.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести