Феноменалното издание на Дејан Манасков против Барселона потврди дека искусниот крилен ракометар сезонава е во топ-форма, а голот што го постигна во финишот на дуелот во Битола, сигурно е еден од најубавите не само во ова коло на ЛШ туку воопшто сезонава.
Манасков беше непогрешлив, а на голот на Барса беше Данецот Емил Нилсен, кој е меѓу подобрите светски голмани. Дејан даде гол и кога во воздух ја прифати топката фрлена од голема далечина од голманот Никола Митревски и од тежок агол го реализира „цепелинот“ за еуфорија на трибините и кај сите што го гледаа мечот на телевизија.
Ова издание на Манасков, а и некои други негови игри сезонава со право отвораат дебата кај ракометните фанови дали е време тој повторно да биде дел од репрезентацијата на Македонија.
Во моментов немаме подобро лево крило од него. На потег е селекторот Кирил Лазаров, кој во живо го следеше мечот во Битола, а и добро му се познати квалитетите и можностите на Манасков.