Време е за фајнал-фор: Можат ли Армејците да го одбранат тронот?

Дојде време за кошаркарска Европа да го дознае новиот европски првак кој ќе биде крунисан во недела, а денес ќе се добијат двата финалисти на стартот од фајнал-фор турнирот во Евролигата кој одржува во „Ланксес арената“ во Келн.

ЦСКА Москва како актуелен првак од сезоната 2018/19(минатата не се доигра), ќе се обиде на потешкиот начин да го одбрани тронот со оглед на тоа дека за противник го доби тимот на Анадолу ефес предводен од МВП на сезоната, Василие Мициќ. Анадолу доминираше лани пред пандемијата со корона-вирусот и сите го гледаа турскиот гигант како нов шампион, па можеби ова е сезоната во која конечно ќе стигне до самиот трон.

Двете екипи во максимално позитивна форма попладнево (18 часот) ќе се борат за првото место во финалето, а она што може да се предвиди е дека нема ниту ЦСКА, а ниту Анадолу ќе може да оствари убедлива победа. Во овосезонските меѓусебни пресметки во регуларниот дел, двете екипи поделија по еден триумф и тоа како домаќини – ЦСКА славеше со 100:65, па Анадолу се реваншираше на сличен начин со 100:70.

Три часа подоцна, вториот финалист ќе се добие по средбата меѓу Барселона и Армани Милано, каде што Каталонците како лидери во регуларниот дел од сезоната, ја добија фаворитската улога.

Барселона веќе 11 години чека на европска титула, a за тренер го имаат човекот кој беше дел од тимот кој во 2003 година за првпат се искачи на европскиот кошаркарки врв, Шарунас Јасикевичиус. Литванскиот стратег е четирикратен европски првак и знае како се добиваат овие дуели, меѓутоа на другата страна за противник ќе го има Еторе Месина, кој исто така има четири титули во Евролигата, но како тренер.

Барса убедливо славеше во двата меѓусебни дуели сезонава со 87:71 и 72:56, но тоа не гарантира дека вечерва лесно ќе се избори пласман во големото финале. Драматична завршница е нешто што се негува на Ф4 завршницата и речиси сигурно нијанси ќе одлучуваат во второто полуфинале, исто како во првото.

- Оглас -

Најнови вести