Првиот меч во шпанската Ла Лига за 2025 година е шанса за Реал Мадрид да се искачи на првото место на табелата, а на Реал тоа ќе му успее ако победи, нешто што ретко го правеше во последните години на гостувањата кај Валенсија.
Резултатите покажуваат дека Реал Мадрид повеќе се мачи на „Месталја“ отколку на гостувањата кај ривалите Барселона и Атлетико Мадрид.
Реал е фаворит за тоа што ја крена формата, а Лилјаците се на позиција која носи преселба во втора лига. Тимот за којшто брани Столе Димитриевски го смени и тренерот. Сепак, статистиката не е ни приближно ласкава за Белите од Мадрид.
Во последната деценија Кралскиот клуб успеа да победи само во два наврата, а претрпе пет порази.
Последната радост на мадриѓаните на „Местаља“ се случи пред повеќе од три години, во септември 2021, со головите на Винисиус и Бензема во 86-тата и 88-мата минута.
Сепак, фановите на Реал ги паметат и разочарувањата, како она од минатата сезона, кога на Белингам контроверзно му беше поништен гол бидејќи наводно судијата отсвирел крај додека топката била во воздух пред Англичанецот да постигне гол. Една сезона пред тоа имаше расистички напад врз Винисиус, пред тоа Реал загуби со 1-4 кога беа досудени рекордни три пенали против Реал.
Вечерва атмосферата може да биде малку помирољубива, од Валенсија објавија дека јавно ќе му се заблагодарат на Реал и неговиот претседател Перес за помошта и солидарноста за време на катастрофалните поплави.
Реал кога победува на „Местаља“, во тие сезони тимот од Мадрид најчесто и ја освојува титулата, затоа им е важно да победат на ова секогаш жешко гостување, без разлика дали Валенсија е во криза или при врвот.