По малку повеќе од 15-тина дена пауза, пред сè поради бојкотот на судиите, но и поради велигденските празници, конечно започна кошаркарскиот плејоф. На првите четвртфинални натпревари победија сите домашни екипи, односно оние кои завршија од првата до четвртата позиција на табелата.
Бранителот на трофејот, МЗТ Скопје, со убедливи 81-58 славеше над Феникс, додека Работнички минимално, со 67-64, го победи Пелистер. Убедливи победи забележаа и Куманово и ТФТ, кои славеа над Кожув со 85-73, односно против Чаир со 85-68.
На вторите натпревари, кои ќе се играат викендов, повторно во улога на домаќини ќе бидат екипите на МЗТ Скопје, Работнички, ТФТ и Куманово.
Истовремено со разигрувањето за титулата, започна и битката за опстанок. Гостивар со 81-78 го победи Шкупи, додека Тиквеш беше убедлив против Вардар со 91-65. Кавадарчани само формално треба да го потврдат опстанокот во Првата лига, додека Гостивар и Шкупи ќе водат голема битка за последниот билет за следната сезона. Вардар е веќе испаднат.