Започнува Меморијалот „Чајка“: Четири репрезентации од три континенти по трофејот на 47-мото издание (Фото)

Од денес до недела во спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се одржи 47-мото издание на најпрестижниот одбојкарски турнир во земјава, Меморијалот „Бранко Хаџииљоски – Чајка“. Турнирот, кој е препознатлив знак на градот Тетово, последниве години е ставен во функција на подготовките на одбојкарската репрезентација на Македонија и се одржува во Скопје, пред сè, поради подобрите услови.

Така ќе биде и годинава, а во рамките на подготовките на одбојкарската репрезентација на Македонија за настапот на Европското првенство, освен нашите одбојкари, ќе учествуваат и селекциите на Јапонија, Египет и Грција.

Нашата репрезентација вечерва ќе ги одмери силите против селекцијата на Јапонија, утре играме против Египет, а турнирот го затвораме со дуел против Грција во недела. Сите натпревари на македонсата репрезентација ќе се одиграат во терминот од 20:15 часот, додека воведните мечеви на програмата се во 17:30 часот.

Меморијалот „Чајка“ своето прво издание го има во 1975 година во чест на основоположникот на тетовската одбојка Бранко Хаџииљоски – Чајка. Најмногу трофеи има освоено екипата на Работнички, дури 12, следува Вардар со 8, додека Југхром се радувал на 5 трофеи.

Репрезентацијата на Македонија само еднаш го има освоено овој меморијал, и тоа во 2011 година, кога натпреварите сè уште се играа во Тетово. Минатата година трофејот им припадна на одбојкарките од репрезентацијата на Босна и Херцеговина бидејќи на турнирот играа женски селекции во Крушево и се одржа во рамките на подготовките на женската младинска репрезентација.

- Оглас -

Најнови вести