Фудбалскиот клуб Шкендија се огласи со соопштение објавено по полноќ, по поразот од Силекс во финалето на Купот и скандалот предизвикан со непојавувањето на фудбалерите на платото за да ги земат сребрените медали.
За ова треба да следуваат драконски казни, а Шкендија се обидува да создаде поинаква слика иако јавноста имаше можност да види сѐ со посредство на директниот ТВ-пренос.
„ФК Шкендија ја презеде одговорноста за разочарувањето предизвикано кај нашите навивачи со поразот во финалето на Купот на Македонија. Овој неуспех бара рефлексија, при што е јасно дека имаме грешки во нашите редови, а главниот предизвик сега останува излезот од оваа ситуација и подобрувањето на евидентните недостатоци што ги покажавме.
Истовремено, преку ова соопштение сакаме да ја разјасниме јавноста во врска со ситуацијата создадена по финалето и церемонијата на доделување на медалите.
По завршувањето на натпреварот, нашите фудбалери отидоа кај навивачите за да им се заблагодарат за поддршката во текот на 90-те минути и истовремено да се извинат за разочарувањето предизвикано од денешниот пораз. Секако, по епилогот од финалето, навивачите со право беа разочарани, па престојот пред трибината траеше подолго од предвиденото. Фудбалерите останаа неколку минути пред трибината комуницирајќи со навивачите, не сакајќи да си заминат на несоодветен начин од тој дел на стадионот.
Поради емоциите, бучавата на стадионот и ситуацијата создадена во тие моменти, фудбалерите не го слушнаа повикот за церемонијата на доделување на медалите.
Клубот побара малку дополнително време од организаторите со цел екипата да ја смири ситуацијата и да се врати на теренот за официјалната церемонија.
Фудбалерите потоа се вратија кон теренот, а во тие моменти во тек беше церемонијата на доделување на медалите за фудбалерите на Силекс. Дел од нашите фудбалери се упатија кон соблекувалната за да облечат дресови или спортска опрема бидејќи дел од нив останаа без дресови, подарувајќи им ги на навивачите веднаш по натпреварот.
Јасно нагласуваме дека во ниту еден момент ФК Шкендија не одби да ги прими медалите, ниту пак имаше намера за непочитување на организаторот или на противничкиот тим. Доказ за тоа е фактот што претставниците на нашиот тим, вклучувајќи ги Бесарт Ибраими, Арбин Зејнулау и Мевлан Мурати, комуницираа со организаторите и истовремено им го честитаа триумфот во финалето на фудбалерите на Силекс.
Целата ситуација беше последица на недоразбирање и технички пропуст во емотивните моменти по натпреварот, а не намерна одлука или постапка од страна на клубот или на нашите фудбалери”, се вели во соопштението на Шкендија.

