Неуспехот на Колумбија во јужноамериканските квалификации за настап на Мундијалот во Катар прв го плати селекторот Реиналдо Руеда, кој доби отказ, а со него од кормилото си заминува и целиот стручен штаб.
Една од најсилните фудбалски селекции во Јужна Америка доживеа бродолом во квалификациите и заврши на шестото место, што не води во Катар.
Со тоа е прекината мини-серијата од две учества на Колумбијците на Светските првенства во 2014 и во 2018 година, а имаат вкупно шест настапи на Мундијалите.
Неуспехот ја погоди фудбалската земја која е 16-торангираната на ФИФА-листата, но остана без Мундијал.
Професорот, како што го нарекуваат Руеда, по вторпат лани во јануари беше именуван за селектор на Колумбија, но неуспешните квалификации за СП го доведоа до отказ.
Руеда беше селектор на Колумбија и во периодот од 2004 до 2006 година. Негов заменик на клупата на Колумбија е Аљехандро Рестрепо.