Заврши проклетството на Ал Хорфорд, веќе нема да трпи шеги дека е најголем малер во НБА (Фото)

Бостон селтикс ќе игра во големото финале на НБА-лигата откако рано утрово триумфира во Мајами против Хит со 100:96 и со 4:3 во победи ја освои титулата првак на Истокот.

Селтикс убедливо ја доби првата четвртина со 15 поени разлика, но Мајами за малку ќе направеше голем пресврт. Сепак, титулата на Истокот му припадна на Бостон. Клубот кој има 17 титули, за првпат по 2010 година ќе игра во големото финале.

Најсреќен по победата беше ветеранот Ал Хорфорд. Доминиканецот, кој му беше соиграч и на Перо Антиќ во Атланта, 15 сезони е во НБА, имаше одиграно 140 меча во плејофот без да игра големо финале. Неговиот 141-ви плејоф-меч се покажа како среќен и кога ќе го заигра 142-риот, Хорфорд веќе нема да го држи негативниот НБА-рекорд по број на плејоф-мечеви без финале. Сепак, Пол Милсап со 130 плејоф-меча без финале е нов неславен рекордер.

Тејтум, Смарт и Браун станаа само второто трио во историјата на НБА во кое во седми меч, секој од нив имал над 20 поени, 5 скока и 5 асистенции.

Џими Батлер овојпат не можеше да го спаси Мајами, иако одира цел меч и имаше 35 поени и 9 скока. МВП на плејофот на Истокот е Џејсон Тејтум. За Бостон ова ќе биде 22-ро големо финале.

Големото финале почнува в четврток вечер, а домаќин е Голден стејт.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести