Ждрепката за Купот на Македонија и Втората лига ќе се одржи во петок

Ждрепката за новата сезона во Втора лига и Купот на Македонија ќе се одржи во петок во просториите на ФФМ во Скопје. Точниот час за одржување на ждрепката дополнително ќе биде одреден. Клубовите имаат рок најдоцна до четврток, 3-ти август, да ја платат котизацијата која изнесува 8.000 евра, а дури потоа ќе биде извршено влечењето на натпреварувачките броеви.

Според информациите до сега половина од екипите комплетно ги извршиле финансиските обврски за службените лица кон ФФМ, а останатите се очекува тоа да го сторат во пропишаниот рок. Правилникот предвидува дека екипата нема да учествува во ждрепката, а со тоа и во првенството доколку не биде уплатена пропишаната котизација.

Во второлигашката конкуренција оваа сезона ќе учествуваат 16 екипи. Нови екипи се Победа и Скопје кои испаднаа од првата лига и четирите третолигаши Башкими од Куманово, Новаци, Вардар од Неготино и Осогово од Кочани. Од минатата сезона остануваат 10 исти екипи и тоа: Охрид, Пелистер од Битола, Детонит Плачковица од Радовиш, Тетекс од Тетово, Беса од Добри Дол, Арсими од Чегране, Караорман од Струга, Беласица од Струмица, Кожуф од Гевгелија и Каменица Саса од Македонска Каменица. Најдобрите две екипи на крајот на првенството ќе обезбедат пласман во Првата лига за следната сезона, додека третопласираната екипа ќе игра еден бараж натпревар против 10-то пласираната екипа од прволигашката конкуренција.

Во Купот на Македонија треба да учествуваат 32 екипи, но оваа бројка може да биде помала доколку некој од регионите не пријавил учесници.

- Оглас -

Најнови вести