Желсон не се снајде во Атлетико, па стана „кнез“

Монако привремено го ангажираше Желсон Мартинс од Атлетико Мадрид, португалскиот офанзивец до крајот на сезоната ќе игра како позајмен играч за „кнезовите“. Желсон е петто зимско засилување за Монако, откако претходно на „Луј Втори“ пристигнаа Налдо, Цеск Фабрегас, Вилијам Ванкиер и Фоде Бало Туре.

„Мило ми е што ќе играм за Монако. Сакам што побрзо да се вратам на теренот и да им помогнам на новите соиграчи заедно да ги оствариме целите на овој клуб“, истакна Желсон.

Желсон, кој беше соиграч на македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски, за „јорганџиите“ потпиша како слободен играч од Спортинг Лисабон во летото 2018 година. Дваесет и тригодишниот португалски репрезентативец по само шест месеци ги напушти „јорганџиите“ откако не се снајде во тимот на Диего Симеоне. Желсон за Атлетико настапи на само 12 меча во сите натпреварувања, реализирајќи само еден погодок во Купот на Кралот.

Монако и натаму е во големи проблеми и се бори да опстане во француската елита, а вчера и по враќањето на Леонардо Жардим на клупата претрпеа пораз од 2-0 на гости кај Дижон.

- Оглас -

Најнови вести