Жиру: Мислам дека Французите се среќни што јас и Погба се враќаме

Францускиот напаѓач Оливие Жиру призна дека не се вклопил добро во стилот на игра на Лос Анџелес ФК, и дека преселбата во Лил и враќањето во Франција, му е предизвик.

Жиру уште официјално не потпишал за Лил, но сите детали се договорени, откако во неделата за последен пат играше во американската МЛС лига. Најдобриот стрелец на француската репрезентација постигна само пет гола на 38 натпревари за клубот од Лос Анџелес.

„Сакам да имав поголемо влијание врз тимот, врз резултатите. Ова беше добро искуство. Очигледно не можам да останам подолго, ми треба ново поглавје. Морам повторно да се предизвикам себеси, и кога добив можност да се вратам во Франција, ја зграпчив. Му посакувам на Лос Анџелес само најдобро“, рече Жиру.

Тој имаше договор до крајот на сезоната во МЛС лигата, но ја раскина соработката по меѓусебна согласност, за да може да го напушти клубот Анџелес како слободен агент.

Лил минатата сезона го освои петтото место во француското првенство и ќе игра во Лига Европа.

„Мислам дека Французите се среќни што јас и Пол Погба се враќаме во француската лига. Да ме прашавте пред неколку години, ќе речев дека немам планови за враќање, но никогаш не се знае, никогаш не вели никогаш“, вели Жиру.

„Лил ми одговара мене и на моето семејство. Се надевам дека ќе можам да помогнам, да бидам лидер и врска помеѓу играчите на теренот, но и надвор од теренот помеѓу младите играчи и тренерскиот штаб. Ќе играме во Лигата на Европа, тоа е многу позитивно, ова е еден од петте најголеми клубови во Франција“, додаде Жиру кој не играл во француското првенство од 2012 година, кога го напушти Монпелје и се пресели во Арсенал, каде што играше шест години.

Потоа се пресели во Челзи, со кого ги освои и Лигата на шампионите и Лигата на Европа, а во 2021 година се пресели во Милан, со кого ја освои Серија А.

 

- Оглас -

Најнови вести