Напаѓачот на Наполи, Ромелу Лукаку, преку социјалните мрежи јавно се пожали дека не може достојно да го погребе својот татко. Белгискиот ас тврди дека нему и на неговиот брат Јордан Лукаку, кој игра за Лацио, не им е дозволено да го погребат својот татко во Европа.
„Нашиот татко почина на 28 септември и како браќа со сите сили се обидовме да го вратиме неговото тело во Европа, но чувствуваме дека сме уценувани“, рече Лукаку.
Напаѓачот на Наполи додаде дека семејството планирало погреб во петок, но дека властите во Киншаса, главниот град на Демократска Република Конго, одлучиле погребот да се одржи таму.
„Да беше нашиот татко жив денес, тој немаше да го прифати тоа. Ни се кршат срцата што не можеме да го погребеме. Но, некои не сакаа“, напиша емотивниот Лукаку, без да открие повеќе детали за тоа кој наводно го чува телото на неговиот татко.
Роџер Менама Лукаку е поранешен репрезентативец на ДР Конго, почина на крајот на септември. Откако веста за неговата смрт стана јавна, Ромелу Лукаку повторно проговори, објавувајќи трогателна порака покрај фотографија од својот татко:
„Ти благодарам што ме научи на сè што знам. Заскогаш ќе бидам благодарен. Животот никогаш повеќе нема да биде ист. Болката и солзите никогаш нема да престанат, но Бог ќе ми даде сила да продолжам. Ти благодарам за сè, Роџер Менама Лукаку – мојот татко“, напиша Лукаку.
Лукаку го повреди бутниот мускул кон средината на август и го пропушти почетокот на сезоната, а се очекува да отсуствува најмалку уште еден месец.