Жунињо: Многу добро го познавам Гарсија, ако треба, ќе му носи и појадок на Роналдо!

Некогашниот бразилски фудбалер Жунињо Пернамбукано, кој беше еден од најдобрите изведувачи на слободни удари во историјата, добро го познава тренерот Руди Гарсија, со кого две години соработуваше во Лион, и вели дека тој ќе направи сè за да има добар однос со Кристијано Роналдо, кому му е тренер во Ал-Наср.

Жунињо тврди дека ако треба, Гарсија за да му даде специјален третман на 37-годишниот Португалец, би му правел и би му носел и појадок.

„Гарсија нема да смее да направи нешто што му пречи на Роналдо, напротив, ако треба, ќе му сервира и појадок на Кристијано. Тој ќе се обиде да биде пријател со Кристијано, да биде близок со него и ќе направи сè за да ја постигне целта“, вели Жунињо.

Бразилецот нема добро мислење за Руди Гарсија.

„Тој е најлошата личност која сум ја сретнал во кариерата. Тој не знае да раководи, се плаши. Ги почитува само луѓето кои имаат власт или од кои има некаква корист. За него успехот на тимот и атмосферата во соблекувалната не се важни. Важно му е тој да биде во центарот на вниманието, сака прес-конференции, дури и во кризни моменти. Но, како и сите студени човечки суштества, и тој знае да познае кои се поголеми од него и пробува да извлече некаква полза. Кристијано Роналдо е еден од најголемите во историјата на фудбалот, Руди го знае тоа и затоа ќе сака да му се додворува“, критикува Жунињо.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести