Зидан: Ако е пенал тогаш, треба да се досуди пенал

Реал Мадрид продолжува со перфектните резултати по враќањето на фудбалот во ерата на Коронавирусот. Кралскиот клуб синоќа со 2:0 го победи Алавес во Мадрид и стигна до осмата победа во низа. Со овој триумф. Реал ја врати предноста од четири бода пред Барселона, на три кола до крајот на шампионатот.

Најтрофејниот клуб во Шпанија во последните три натпревари победува со погодоци од пенал. Против Хетафе и Атлетик Билбао беше минимално со 1:0, а Серхио Рамос беше прецизен од ударите од белата точка. Синоќа Рамос не играше поради суспензија, па одговорноста да го шутира пеналот ја превзема Карим Бензема.

Голгетерот го погоди пеналот во 11 минута и најави нова победа на Реал со голови од белата точка. Триумфот против Алавес го потврди Асенсио со гол кој беше признат откако ВАР технологијата покажа дека немало офсајд позиција. По средбата, тренерот на Реал, Зинедин Зидан изјави дека судиите треба да носат правилни одлуки како во ситуациите за пеналите за неговиот тим.

„Кога е направен пенал, тогаш треба да се досуди пенал. Не сум загрижен зошто не постигнуваме по четири-пет голови, затоа што против себе имаме добро организирани тимови во одбраната и најважно е да се победува. Постигнавме два гола и одигравме многу добар меч. Среќен сум и треба да продолжиме во ист ритам“, рече Зидан.

Францускиот стратег посебно го пофали голманот Тибо Куртоа кој брани сигурно па Реал веќе пет меча во низа нема примено гол. Последен пат Сосиедад погоди против Реал во триумфот на Кралевите од 2:1. Од тој погодок, до сега поминаа 457 минути без да се затресе мрежата на тимот кој е на прагот да стане нов првак на Шпанија.

 

- Оглас -

Најнови вести