Нерешениот резултат на домашен терен против Бриж е еднаков на пораз за Реал Мадрид, а откако се спасија од пораз и сами ќе си ја решаваат судбината во следните четири кола, во Кралскиот клуб имаат проблеми кои треба да ги решат пред да биде предоцна.
Тибо Куртоа беше сменет на полувремето против тимот од неговата земја, но шпанските медиуми пишуваат за проблеми со стомакот, а не дека Зинедин Зидан го извадил оти ништо не може да одбрани. Алфонс Ареола е позајмен во Реал, но навивачите во него имаат поголема доверба отколку во Белгиецот кој беше исвиркан од публиката во Мадрид.
СИТЕ ВО МАДРИД СЕ ПРОТИВ КУРТОА
Куртоа е една од најнепопуларните личности во главниот град на Шпанија бидејќи го мразат фановите на Атлетико, а и овие на Реал веќе му свртеа грб. Зидан ќе треба добро да размисли кој ќе брани на следниот меч.
Реал не примаше голови на претходните три меча, не им дозволи на ривали како Атлетико и Севилја, кои според многу показатели се посилни од Бриж, ниту да шутнат кон неговиот гол. Ако топката оди меѓу стативите, Куртоа тешко дека може да одбрани нешто во последно време.
И ТЕР ШТЕГЕН ИМА ПОВЕЌЕ АСИСТЕНЦИИ ИЛИ ГОЛОВИ ОД АЗАР
Купувањето на Еден Азар за 120 милиони евра требаше да донесе квалитет во нападот и ублажување на проблемот на позицијата лево крило по заминувањето на Роналдо, но Азар не се снаоѓа.
Навивачите на Барса се шегуваат на негова сметка и велат дека сезонава нивниот голман Тер Штеген има повеќе асистенции од Азар. Во овој период од минатата сезона, Азар имаше 6-7 гола, сега уште е на нула. Но, имаше и повреда, па пропушти некои средби, веројатно и затоа трпението со него е малку поголемо. Сепак, ако продолжи вака, Зидан ќе мора да го седне на клупа и да го заштити од добивање свирежи.