Зидан: Сакате да ja прекинеме сезоната!?

Реал Мадрид нема да има можност да го брани трофејот во Суперкупот на Шпанија откако синоќа беше елиминиран во полуфиналето. Кралевите загубија со 1:2 од Атлетик Билбао, па Баскијците ќе играат против Барселона во финалето за пехарот.

Тренерот на Реал, Зинедин Зидан, беше незадоволен од играта и разочаран поради елиминацијата.

„Првото полувреме беше тешко. Многу лошо го отворивме дуелот и примивме два гола. Тоа беа единствените две шанси за противникот. Кога веќе губиш со 0:2, секогаш е тешко да се спасиш од пораз. Во второто полувреме одигравме подобро, создадовме шанси и дадовме гол. За жал, не успеавме да израмниме“, рече Зидан, кој во еден момент жестоко му возврати на еден од новинарите, кој праша какво влијание ќе има поразот од Атлетик Билбао.

„Елиминацијата не е катастрофа. Треба да продолжиме да работиме, немаме друг избор. Мора сега да се фокусираме на следниот меч. Дали поразот ќе се одрази на клубот? Не. А вие што сакате, да се откажеме и да не ја доиграме сезоната?“, жестоко реагираше Зидан по едно новинарско прашање.

За Реал ова беше прв пораз во последниот месец и пол и ја прекина низата од девет средби без пораз. Голманот на Реал, Тибо Куртоа, дозволи и по деветти пат по ред да прими гол од пенал.

 

- Оглас -

Најнови вести