Златан откри детали за кавгата со Гвардиола: Фрлив корпа со опрема кон него, а тој само си замина

Златан Ибрахимовиќ во четвртокот имаше големо интервју со англискиот новинар Пирс Морган, во кое зборуваше за многу работи, а една од нив беше и неговиот однос со Хосеп Гвардиола.

Ибрахимовиќ во сезоната 2009/10 го носеше дресот на Барселона, но се задржа само една сезона на „Камп Ноу“, а неговиот престој го одбележа лошиот однос со тренерот Гвардиола.

„Мислам дека Гвардиола е одличен тренер, но кога бев во Барселона, имав поинакво искуство. Тој е успешен тренер, никогаш не завршил на третото место во една сезона, досега секогаш бил или прв или втор. Но, морав да ја запознам и личноста која се крие зад тренерскиот гениј. Јас своите проблеми ги решавам на едноставен начин, на секого му ги кажувам работите во лице и потоа немаме проблеми. Сметам дека погрешив во Барселона бидејќи се обидов да се вклопам во средината.

На Гвардиола му реков да ми каже ако имам голем нос, ако чудно чекорам или ако му смета нешто кај мене, за да го решиме проблемот. И се беше добро првите шест месеци, но потоа моравме да разговараме. Му реков дека не играм добро бидејќи немам простор на теренот и дека треба да си побара друг играч за таквата игра. Тој ми рече дека ќе го реши тоа и ме стави на клупата за резервни играчи на следниот меч. И на вториот бев на клупата, како и на третиот, по што се налутив.

Тој рече дека играчите не смеат да доаѓаат со Ферари на тренинзите, а јас намерно му доаѓав токму со Ферари и го паркирав пред неговата канцеларија. Потоа почна да ме избегнува, ништо не ми зборуваше. не сакаше да се соочи со проблемите. По мечот против Интер, кон него фрлив корпа со опрема, не го погодив, но тој не ми рече ништо туку само ја напушти просторијата“, изјави Ибрахимовиќ.

- Оглас -

Најнови вести