Зверев ќе го предизвика Алкарас во полуфиналето на турнирот во Синсинати

Шпанскиот тенисер Карлос Алкарас во полуфиналето на Мастерсот во Синсинати ќе игра против Германецот Александар Зверев.

Алкарас по голема битка славеше против Русинот Андреј Рубљов. По два часа и 17 минути спектакуларен тенис, вториот играч на светот победи со 2-1 во сетови (6-3, 4-6, 7-5).

Алкарас го отвори мечот моќно, со два брејка брзо стигна до водство од 1-0 во сетови. Сепак, Рубљов, кој е 11-ти на АТП-листата, се разбуди во вториот сет. Со агресивна игра и брејк во седмиот гем, успеа да израмни на 1-1.

Одлучувачкиот сет донесе вистинска драма. Алкарас прв стигна до брејк и поведе со 5-3, но Русинот не се предаде, возврати со два гема по ред и израмни на 5-5. Токму тогаш Шпанецот покажа зошто е меѓу најдобрите: најпрво го одбрани својот сервис, а потоа искористи двојна сервис грешка на противникот за конечен триумф.

Александар Зверев немаше проблеми да го совлада Бен Шелтон со 2-0 во сетови. Тој и во двата сета славеше со идентични 6-2 во гемови.

- Оглас -

Најнови вести