Црвена ѕвезда е во завршни преговори за ангажирање на 24-годишниот брз холандски фудбалер Ришаиро Живковиќ. Договорот треба да биде потпишан викендов и Живковиќ официјално да ги засили редовите на Црвено-белите.
Ришаиро во моментов е член на кинескиот Чангчун со кој има договор до крајот на декември, но би го ослободиле ако тој се договори да премине во српскиот првак, и тоа без отштета.
Живковиќ, чија мајка е Србинка (татко му е од Курасао, но брзо го напуштил, па Ришаиро го носи презимето на мајка му), важеше за најталентиран холандски играч во генерацијата 1996, но не направи кариера каква што се очекуваше од него. Србите безуспешно се обидуваа да го убедат да игра за репрезентацијата на Србија. Ако ништо друго, тој можеби на клупска сцена ќе заигра за српски тим.