Јувентус уште пред еден месец стекна убедлива двоцифрена предност во однос на своите конкуренти во Серија А, па тоа како да беше знак дека може да се тестираат квалитетите на младиот 19-годишен Мојзе Кен. Тинејџерот кој претходно своите квалитети ги докажуваше во младинските категории, полека но сигурно почна да добива шанса и во сениорскиот тим на Јувентус, а Кен на најдобар можен начин возврати за довербата.
На дуелот против Удинезе, кој се одигра на 8 март, тренерот на Јувентус реши да одмори поголем дел од стартерите, а шанса добија оние играчи кои поретко влегуваат во игра. Тинејџерот Мојзе тоа го искористи на најдобар можен начин. Даде два гола, а имаше и асистенција во победата од 4-1.
Овој меч како да беше знак дека Јувентус многу повеќе треба да го користи младиот напаѓач. Тоа и се случи. Мојзе доби шанса да игра дури и на дуелот против Атлетико Мадрид, кога за 10-тина минути на теренот се најде во одлична шанса, но не даде гол. Потоа одигра 17 минути и во поразот од Џенова, но пак не реализираше.
Следуваа двата меча на репрезентацијата на Италија, а Кен беше стартер. За оваа доверба од селекторот, тинејџерот возврати со погодоци на мечевите против Финска и Лихтенштајн. По завршување на репрезентативните обврски, Кен продолжи да погодува и во дресот на Јувентус. На мечот против Емполи одигра само 22 минути, но и тоа беше доволно да го постигне погодокот за триумф од 1-0.
Серијата погодоци на Кен продолжи и синоќа. Јувентус играше без Кристијано Роналдо, Паоло Дибала, Марио Манџукиќ и уште неколку стандардни првотимци, но тука беше тинејџерот. Кен даде гол во триумфот на гости кај Калјари од 2-0 и само потврди дека Јувентус во своите редови има „златно момче“.
На последните пет меча на кои доби шанса да игра барем 20 минути, Кен дава по еден гол. Вкупно, на последните 400 минути поминати на терен, Кен даде пет гола, односно погодува на секои 80 минути.