Ѕвездата на Реал со порака: Имам добро претчувство за мечот в среда

Реал Мадрид со 3:1 го победи Еспањол, иако кралскиот клуб губеше со 0:1 по само осум минути игра. Навивачите на „Сантијаго Бернабеу“ до крајот на 90-тата минута имаа можност да се израдуваат на три погодоци на домашниот тим, па Реал сега има 56 бодови, шест помалку од лидерот Барселона, која утре ќе гостува во Билбао кај Атлетик.

По овој дуел со Еспањол, Реал веќе почна да размислува за реванш дуелот од осминафиналето против Ливерпул, кој се игра в среда. Шпанскиот тим одигра фантастичен меч на „Енфилд роуд“ и победи со убедливи 5:2, па сега во Мадрид само формално треба да го потврди местото во четвртфиналето.

„Сите во тимот имаме добро претчувство за дуелот в среда. Треба да продолжиме да играме на овој начин. Бевме во негатива, но останавме спокојни и брзо се вративме во игра. Посебно сум благодарен на навивачите кои ни даваат голема поддршка од трибините. Се надевам дека и в среда ќе се радуваат нашите фанови“, вели младиот напаѓач Винисиус Јуниор кој постигна еден гол денеска против Еспањол.

- Оглас -

Најнови вести