Ја играше најубавата фудбалска самба во Македонија – Хуманитарен тикет на Дос Сантос Вандаир

Почетокот на кариерата ја мина во славниот Крузеиро, клуб што се подготвува за прослава на 100-годишниот роденден во јануари.

ДОС САНТОС ВАНДАИР е нашиот гостин со хуманитарен тикет, во обид да им помогне на категоријата социјално загрозени луѓе во Македонија. Бразилецот што ја играше најубавата фудбалска самба речиси цела деценија во Македонија, миленик на навивачите и еден од најдобрите странци што има играно во мак-фудбалот.

Како 18-годишно момче почна во Крузеиро, клуб со богата традиција и богата колекција со трофеи, два пехари освоени во Копа Либертадорес, исто толку во Копа Судамерикана и четири шампионски круни во Бразил.

Во 2002 година пристигна на фудбалска печалба во Македонија и остави впечатлива трага во нашиот фудбал, па дури доби и македонски пасош, но не стаса да одигра барем еден меч за нашата репрезентација.

СТАРТ КАКО ОД БАЈКИТЕ – ГОЛ, ПЕНАЛ, ПОБЕДА ВО НАЈВОЗБУДЛИВОТО КУП-ФИНАЛЕ ВО ИСТОРИЈАТА НА МАКЕДОНСКИОТ ФУДБАЛ

Вандаир има и убава колекција на трофеи со Цементарница, Вардар и Работнички, клубови за кои играше во нашата Прва лига, а почетокот му беше спектакуларен со епското финале на купот во 2003 година.

Цементарница за која тогаш настапуваше, во најдраматичниот и највпечатлив меч во куп-финалињата ја победи тогашна Слога југомагнат по подобро изведување на пенали, откако во регуларниот дел мечот заврши 4:4.

„Тоа е највозбудливиот меч што сум го одиграл во кариерата. Се сеќавам дека врнеше, а ни самиот не знам колку се играше. Со продолженија и пенали долго останавме на теренот, но вредеше бидејќи го освоивме пехарот по подобро изведување на пеналите. Осум гола и резултат 4:4 ретко се доживува во фудбалско финале. Паметам дека дадов еден гол, над мене беше направен и пенал, а неколкупати и немав среќа бидејќи ја погодував рамката од голот. Незаборавен спектакл во мојата единствена сезона во Цементарница и на почетокот на мојот престој во Македонија“, вели нашиот гостин од Бразил.

ЈА ИЗДРИБЛА МОСКВА И ГО ФРЛИ ВО ОЧАЈ РУСКИОТ ГИГАНТ ЦСКА

По стартната авантура во Цементарница, се пресели во Вардар и веднаш истото лето во 2003 година следуваа нови два спектакли.

Вардар ја елиминираше ЦСКА Москва во второто квалификациско коло за настап во Лигата на шампионите, а Вандаир играше како во транс. Сè уште се памети дриблингот во Москва во 63-тата минута, кога и буквално го легна на земја Богдан Шершун и го совлада Акинфеев за сензационална победа од 2:1 на Вардар.

„Во Москва се браневме и со два контранапади ја нокаутиравме ЦСКА Москва. Немав страв, иако противникот имаше големи фудбалски имиња во составот. Влатко Гроздановски одлично ме проигра, имав простор пред себе и го искористив за гол. Дури кога заврши мечот, сфативме каков подвиг направивме. Но и знаевме дека во реваншот во Скопје ќе ни биде уште потешко.

Целиот народ беше со нас, не бодреа да издржиме, да дадеме сè од себе за да го елиминираме противникот. Беше лудница цела недела до реваншот. Едвај чекав да почне, не се издржуваше во карантин, а кога го видов стадионот полн, ми се врати вербата. Атмосферата беше спектакуларна, вистинска бразилска и знаев дека не можеме да загубиме во таков амбиент. Трибините се тресеа од невидена радост, а јас бев бескрајно среќен бидејќи го дадов голот за конечна елиминација на големиот фаворит. Акцијата беше за мерак, одигравме како по ноти, а Вардар тогаш имаше одличен тим и заслужи успех во таков спектакл. За жал, потоа се случи контроверзниот гол на Глушчевиќ во Скопје на мечот со Спарта Прага, што не елиминира во третата квалификациска рунда за настап во Лигата на шампионите. Судијата Терје Хауге беше главниот виновник што испаднавме, иако бевме рамноправни, па и подобри од Спарта“, се сеќава Вандаир на незаборавните натпревари во 2003 година.

ПОДВИГ ЗА КЛУПСКА ИСТОРИЈА, НАЈДОБАР СТРЕЛЕЦ НА ВАРДАР ВО ЕВРОКУПОВИТЕ

Се уште е е најдобар стрелец на Вардар во еврокуповите со 13 голови и голем миленик на навивачите на „црвено-црните“.

Играше и за Работнички во сезоната 2009/10, пред да се врати по третпат во Вардар, а со „романтичарите“ повторно играше двомеч за клупска историја.

Во квалификациите за Лигата на Европа, противник на Работнички му беше славниот англиски клуб Ливерпул и Вандаир и соиграчите беа гости на култниот „Енфилд роуд“.

„Ливерпул е гигант на европскиот фудбал и нè победи двапати со по 2:0. Да играш на ‘Енфилд роуд’ е незаборавен момент во кариерата. Навивачите на англискиот клуб се фантастични, направија спектакуларна атмосфера и вистински уживав да играм пред таква публика и на стадион што е еден од најпознатите во светот на фудбалот“, додава бразилскиот Македонец.

Има македонски пасош, за жал, не одигра ниту еден меч за нашата репрезентација, но вели дека Македонија ја чувствува како втора татковина.

Впечатливо беше дека ја промени својата слика на социјалните мрежи по успехот на македонската репрезентација во Тбилиси и пласманот на Европското првенство, а видливи беа нашите национални бои и симболи.

„Речиси цела деценија живеев во Македонија и имам само убави спомени. Имам доста пријатели, со дел од нив сум постојано во контакт, а секако дека ме израдува успехот на репрезентацијата. Пласман на Европско првенство за мала земја како што е Македонија е голем успех. Се надевам дека ќе продолжат со добрите игри, а јас од Бразил ќе навивам за мојата втора татковина на Европското првенство идната година“, го заврши разговорот за „Спорт Манија“ бразилскиот ас што остави впечатлива трага во македонскиот фудбал.

 

 

- Оглас -

Најнови вести