Георгиевски: Со дисциплинирана игра, посебно во одбраната, поблиску до пласман на СП

Со дисциплинирана игра, посебно во одбраната, Македонија ќе се обиде да стигне до посакуван резултат на денешното гостување во Злин против Чешка, во првиот меч од баражот за пласман на Светското првенство. Реваншот се игра в недела, во Скопје, а нашите ракометари се надеваат дека ќе имаат добри први 60 минути на гости, а потоа на свој терен во „Борис Трајковски“ да се радуваме на нов пласман на планетарен собир.

„Ова е познато место за нас, а и противникот ни е добро познат. Знаеме дека ќе биде тежок меч, но имавме неколку дена да се подготвиме за нив. Добро трениравме, а направивме и неколку видеоанализи на противникот. Чешка е квалитетна репрезентација. Одиграа добро на Европското првенство во јануари, на кое беа во група со финалистите Шведска и Шпанија. Ние ќе гледаме да го одиграме тоа што го договараме на тренинзите. Мислам дека ако бидеме дисциплинирани, особено во одбраната, ќе имаме поголеми шанси за пласман. Можеби повеќе голови би ни одговарале за побрза игра. Градиме таква игра, со таков ритам. На ЕП дадовме доста лесни голови, иако не ни е усовршено. Но, мислам дека таква игра би ни одговарала на овој натпревар“, рече искусното крило Гоце Георгиевски пред денешниот дуел.

- Оглас -

Најнови вести