Вечерва следува кулминација од највозбудливата пресметка во досегашниот дел од кошаркарската Евролига. Валенсија на свој терен го пречекува Панатинаикос во решавачкиот петти натпревар. Резултатот е 2:2 во победи, а интересно е дека на сите четири досегашни дуели победуваа гостинските екипи.
Секој од претходните четири дуели меѓу овие два тима изобилуваше со тензии, неизвеснот, драма, па сигурно и вечерва нема да биде ништо подруго. Тренерот на Панатинаикос, Ергин Атаман, верува дека изборот на судии за овој решавачки меч е добар и дека ќе има фер и коректно делење на правдата.
„Во врска со судиите, би сакал да кажам дека мора да заборавиме што се случи во претходните натпревари. Видов дека тројца одлични судии беа назначени за овој натпревар и верувам дека тие се меѓу најуспешните оваа сезона“, рече Атаман во интервју за медиумите пред патувањето во Валенсија.
„Не бараме никакви одлуки во наша корист, само сакаме фер игра. Им верувам на овие тројца судии. Тие имаа добри настапи и во натпреварите што ги добивме и во натпреварите што ги загубивме. Мора да се фокусираме на нашата игра. Верувам дека овие тројца судии ќе дадат сè од себе“, додаде турскиот стратег.

Атаман, исто така, го пофали карактерот на тимот на Валенсија за враќањето од негатива од 0-2, истакнувајќи дека неговиот тим сега мора да одговори со голема самодоверба.
„Им советувам на моите играчи да веруваат во себе. Играчите на Валенсија немаат многу искуство, но покажаа одличен карактер. Сакам да им се заблагодарам на навивачите за нивната поддршка. Како Панатинаикос, ние сме подготвени да победиме, но понекогаш мора да го прифатиме поразот. Мора да ги прифатиме овие два пораза, но сега сме подготвени да ја победиме Валенсија“, рече Атаман.
Победникот од овој меч ќе обезбеди место на завршницата од фајнлфор-турнирот.

