Борбата на Синиша Михајловиќ против леукемијата продолжува во втората фаза од неговото лекување. Според соопштението на одделот за хематологија од болницата во Болоња, состојбата на српскиот стратег е многу подобра во однос на тоа кога започна со хемотерапијата.
Тој вчера ја започна втората фаза на терапијата и во претстојниот викенд нема да биде на клупата на Болоња во дуелот против Бреша од третото коло во Серија А. Михајловиќ како голем борец, иако во тек беше неговото лекување, го предводеше својот тим во првите два меча од сезоната против Верона и СПАЛ по негово инсистирање да му биде дозволено да си ја изврши обврската на тренер.
„Состојбата на пациентот е многу подобра. Тестовите кои ги направивме пред да го ослободиме од првата фаза на терапија покажаа оптимистички резултати“, пишува во соопштението на болницата „Сант Орсола“.