Дуелите на Реал Мадрид и Барселона во следната сезона може да се следат со уште поголемо интересирање во Норвешка. Причината е што може да се случи на Ел Класико двајцата најдобри млади фудбалери од таа скандинавска земја да заиграат еден против друг.
Мартин Одегард беше забележан од Реал, беше најавуван како чудо од дете, дебитираше за сениорскиот национален тим на 16 години и потпишаа договор со него. Но, Одегард нема заиграно за Кралскиот клуб на официјален меч, постојано го позајмуваат. Сезонава тој ќе игра за Реал Сосиедад, прикажува одлични игри во дресот на баскискиот тим, сега има 20 години и може да се очекува следната сезона конечно да добие шанса во Реал.
Ерлинг Халанд, кој е роден во Лидс, каде што неговиот татко играше пред 19 години кога тој се роди, го привлече вниманието со хет-трикот за Ред Булс Салцбург против Генк во првото полувреме од мечот во Лигата на шампионите. Според каталонските медиуми, Барса му фрлила око на талентираниот Халанд и тој ако продолжи со добри игри, во следната сезона би можело да стане соиграч на Лионел Меси.