Актуелниот европски првак Вардар, денеска гостува кај Мотор Запорожје, во меч од третото коло на елитната лига на ЕХФ. Црвено-црните се единствени со перфектен биланс во Б групата и така ќе се обидат да останат и по ова гостување.
Вардар сезонава веќе гостуваше кај Мотор Запорожје и загуби со 32:31, пораз кој е доволно предупредување дека фаворитот не смее да го повтори киксот од СЕХА лигата.
„ Секако дека натпреварот ќе биде различен. Тој на почетокот на септември беше веднаш по настапот на Супер Глоуб, а сега веќе зад себе имаме повеќе дуели, формата се подобрува. Мотор покажа дека е добар тим и сигурно повторно ќе ни биде тешко да играме. Но, сега има разлика, ова е средба од лигата на шампионите, ние сме целосно фокусирани на натпреварите и така и ќе настапиме и сега, вели Давид Писонеро, тренерот на Вардар.
Вардар го очекува постигнувањето на 4.000 гол во групната фаза од ЛШ со што би бил 12-ти тим кому тоа му успеало досега. Досега имаме постигнато 3.989 голови. Актуелниот европски првак заминува во Украина со серија од пет победи по ред, од што и две во ЛШ.
„Веќе игравме со Мотор, само што сега ќе биде поинаку. Ќе бидеме комплетни и плус имаме зад себе повеќе натпревари. Се покажа дека Мотор може да биде незгоден, а ние видовме каде треба да се подобриме. Секако дека одиме на победа и освојување бодови, вели Сергеј Горбок.
Дуелот се игра во 17 часот, а интересно е тоа што по ова гостување, вардарци веднаш ќе отпатуваат кон Словачка, каде за два дена ќе ги чека меч против Татран Прешов.