Фудбалската репрезентација на Германија во претстојниот квалификациски циклус ќе се соочи со Естонија, додека во меѓувреме е закажана пријателска средба против Аргентина. Селекторот Јоаким Лев ги одреди фудбалерите кои ќе конкурираат за настап за тие две средби, а има нешто чудно во неговиот избор.
Имено, Лев го игнорираше Сами Кедира, кој е стандарден во Јувентус оваа сезона и досега запиша осум настапи во кои главно беше стартер. Уште повеќе чуди тоа што на списокот кај Лев се најде Емре Џан, играчот за врска на Старата дама кој досега одигра вкупно 59 минути во два првенствени меча, а во главно ја грее клупата на италијанскиот првак.
Затоа се поставува прашањето, дали Лев тера инает и на кого? Факт е дека Џан не е во прв план кај тренерот Маурисио Сари, тоа се докажа откако отпадна од регистрација за Лигата на шампиони, по што посака да го напушти Торино. На друга страна, иако Кедира беше пред заминување од Јуве во текот на летниот преоден рок, тоа не се случи и се покажа дека е важен играч за предводникот на Бјанконерите.
Инаку, Панцерите прво ќе се загреваат против Аргентина на 9 октомври, додека дуелот со Естонците е закажан за 13 октомври.