За Елмас 54 минути во киксот на Наполи кај Спал, Аталанта го декласира Удинезе

Младата македонска ѕвезда Елиф Елмас одигра 54 минути во ремито на Наполи на гостувањето кај Спал при конечно 1-1. Нашиот играч за врска се најде во стартниот состав на актуелниот вицепрвак на Италија, на теренот остана по речиси десетина минути од второто полувреме кога му отстапи место на Фабијан Руис.

Наполитанците потфрлија во обидот да им се доближат на водечките екипи Јуве и Интер, кои исто така вчера освоија по бод. Голот на Милик во деветтата минута требаше да биде најава за лесен триумф на Наполи, но веќе пет минути подоцна домаќините израмнија преку Куртиќ за конечни 1-1 во мечот од 9. коло во Калчо лигата.

Наполи сега на четвртата позиција со 17 бода, Спал одвај се држи на претпоследното место на табелата со само седум бода.

Вториот македонски претставник во Серија А, Илија Несторовски од клупа го проследи дебаклот на својот Удинезе на гостувањето кај Аталанта од 7-1. Тимот на Гасперини приреди голгетерска фешта на „Бергамо“, а топката од тој меч ја собра Колумбиецот Муриел запишувајќи хет-трик.

Иако Зебрите поведоа во 12-тата минута преку Окака, следуваше големиот пресврт од 3-1 само во првите 45 минути во изведба на Иличиќ (21‘, 43‘) и Муриел, откако Удинезе остана со играч помалку на теренот. Во второто полувреме следуваа нови четири гола преку Пасалиќ и Траоре, како и двата на Муриел кој од пенал во 75-тата минута го реализираше хет-трикот.

За Аталанта ова е шеста овосезонска победа, која ги донесе до третото место на табелата со 20 бода, и заостаток од два, односно три бода во однос на водечките Интер и Јувентус.

Торино и Калјари ремизираа при конечни 1-1.

- Оглас -

Најнови вести