Битолчани уште утрово ќе навалат по билети за Македонија – Турција

Утрово во 9 часот почнува продажбата на билети за дуелот помеѓу машките сениорски репрезентации на Македонија и Турција. Овој меч од квалификацискиот циклус за пласман на ЕП 2020 се игра во четврток (25 октомври), со почеток во 20.15 часот, во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола.

Љубителите на ракометот, кои ги има во голем број во „градот на конзулите“, ќе имаат можност да купат влезници на популарниот Широк Сокак во Битола (непосредно пред кафе барот „Портал“) почнувајќи од денеска, од 9 часот.

Количината која ќе биде пуштена во продажба ќе биде ограничена. Останатите влезници ќе може да се набават на билетарницата на салата во Битола пред почетокот на натпреварот. Цената на билетот изнесува 150 денари.

Првиот собир на нашите најдобри ракометари е попладнево во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, а тимот во среда заминува за Битола.

Противници на Македонија во овие квалификации се Турција, Грција и Исланд. Селекторот Раул Гонзалез на првата прозивка нема да смета само на Филип Талески, кој синоќа имаше меч од Бундеслигата и ќе задоцни малку.

- Оглас -

Најнови вести