Криза во Неапол – Елмас и соиграчите казнети со карантин цела недела

Аурелио де Лаурентис ги казни играчите на Наполи со еднонеделен карантин, а во тој период Наполитанците ќе одиграат два меча. Вечерва против Салцбург во Лигата на шампионите и во сабота против Џенова во Серија А.

„Мора да се запознаат подобро за да не играат добро само против Ливерпул и со посилните екипи“, е образложението на првиот човек на клубот.

Со него не се согласува ниту тренерот Карло Анчелоти, ниту повеќето од фудбалерите.

„Апсолутно не се согласувам, но не можам да сторам ништо. Јас сум само тренер, а вакви одлуки носат претседателот и останатите функционери во клубот“, изјави Анчелоти.

Наполи е во криза и веќе има минус од 11 бодови по 11 кола во однос на шампионот Јувентус. Целта беше да се нападне првото место во Серија А и да се урне неприкосновениот Јувентус, кој има 8 титули по ред. Од оваа перспектива Скудетото е недостижно, а веќе почна и борбата меѓу претседателот и тренерот на ланскиот вицешампион.

Играчите, меѓу кои е и нашиот репрезентативец Елмас, настрадаа, а дел од нив се незадоволни и најавуваат заминување. Меѓу најгласните се: Мертенс, Кулибали, Калјехон и Алан, квартет кој е многу важен во играта на Наполи.

 

- Оглас -

Најнови вести