Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром остана непоразен на домашен терен сезонава во втората АБА-лига откако рутински славеше против Широки со 83:71. По осум кола, МЗТ има шест победи и два порази, со што е на второто место зад Борац Чачак, кој има 7-1 и единствениот пораз го претрпе во „Јане Сандански“ кога им гостуваше на Аеродромци.
МЗТ беше подобар од Широки во првите три четвртини и откако го презеде водството во шестата минута, постепено се одлепуваше и побегна на плус 16 разлика по завршувањето на третиот период, со што победникот беше одлучен. Гостите имаа сила само за да се обидат да го ублажат поразот.
Џабари Хиндс со 17, Дамјан Стојановски со 13 и Андреј Магдевски со 13 поени беа најефикасни во редовите на тимот на тренерот Ѓорѓи Кочов. Новиот центар Бојан Радуловиќ дебитираше со четири поени за 13 минути игра. МЗТ погоди 14 тројки. Во следното коло, МЗТ гостува во Белград кај Динамик.