Македонската ракометна репрезентација вечерва ќе започне уште еден квалификациски циклус за пласман на големо натпреварување. Предводени од капитенот Кирил Лазаров, најдобрите наши ракометари ќе играат против Турција, во првото коло за пласман на Европското првенство во 2020 година.
Салата „Боро Чурлевски“ во Битола ќе биде претесна да ги прими сите оние кои сакаат во живо да го бодрат националниот состав. Билетите се распродадени уште пред неколку дена, а битолската публика одбројува до стартот. Задоволството е уште поголемо бидејќи ракометната селекција за прв пат по 15 години се враќа да одигра меч во Битола, можеби најракометниот град во земјава.
Македонија е голем фаворит против Турција, но тоа треба да се докаже и на теренот. Селекторот Раул Гонзалес не направи измени во составот, па со проверени сили ќе атакуваме на првите два бода.
По дуелот во Битола, Македонија ќе игра против Грција на гости. Во нашата група од квалификациите е и селекцијата на Исланд. Првопласираните две во групата сигурно обезбедуваат место на континенталната завршница.