Лазаров: Ова беше еден од најслабите наши мечеви во последните 10 години

Македонија победнички тргна во квалификациите за Европското ракометно првенство во 2020 година откако синоќа во Битола ја победивме Турција со 31:27. И покрај триумфот, капитенот на нашата селекција, Кирил Лазаров, не беше задоволен од начинот на игра. Тој вели дека ова е еден од најслабите мечеви на националниот тим во последната декада.

„Мислам дека ова е еден од нашите најслаби мечеви во последните 10 години. Ноншалантна игра, некоординирана, без респект, без почит еден кон друг, без почит кон битолската публика која дојде во огромен број. Сакам да им се извинам бидејќи и покрај победата, заслужија да гледаат подобра и поатрактивна игра. Им благодарам за поддршката, покажаа дека Битола е ракометен град. Нам ни останува многу да работиме. Мислам дека треба да ставиме прст на чело и да се замислиме. Апел до сите во репрезентацијата дека ова повеќе не треба да се случи“, рече Лазаров по синоќешниот дуел.

И селекторот Раул Гонзалес не е задоволен и најави подобра игра на следниот дуел против Грција.

„Треба да играме подобро. Не сум задоволен како одигравме 35 минути. Имавме и седум-осум разлика. На мечот против Грција мора да покажеме подобра игра“, рече Гонзалес.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести