Милевски: Победуваме како тим, следува дуелот против Ф. Острови, каде што бараме три бода за нов бараж за СП

Селекторот на макеедонската репрезентација, Благоја Милевски, е задоволен од победата над Летонија со која ја продолживме серијата успеси, и тоа без примен гол.

„Секогаш е тешко да се победи противник кој се брани со многу играчи зад топката, но момците беа решени да победиме. Честитки за нивната истрајност, желбата и работата која ја покажаа на теренот. Противник кој игра како што сега играше Летонија остава многу малку простор за игра, но сите наши играчи кои беа на теренот го одработија своето. Во целина како тим одигравме океј. По дадениот гол имавме уште некоја шанса за порано да го затвориме мечот. Тимската игра ни е на прво место, најважно да функционираме како тим“, задоволно коментираше Милевски веднаш по средбата на арената „Тодор Проески“.

Селекторот се осврна и на дуелот кој следува в недела против Фарски Острови и најави атак на нови три бода.

„Ја остваривме примарната цел, а тоа е пласман во Сегментот Б. Следува мечот против Фарски Острови по кој може да добиеме вторпат во низа место во плејофот за пласман на Светското првенство. Следува уште едно последно скалило и сега одиме на нови три бода во недела, кои ни се примарна цел, а потоа ќе гледаме што ќе донесе таа заедничка табела на сите екипи од Лигата на нациите“, додава Милевски.

Што се однесува до повредата на Елмас, дополнителни прегледи треба да одредат за што поточно се работи.

„Елмас има проблем со задниот дел на бутниот мускул. Дополнителните прегледи треба да покажат колку е сериозна повредата. Елиф е голем борец и ги заслужува сите честитки за тоа како секогаш се бори“, вели Милевски.

 

 

- Оглас -

Најнови вести