Вардар со сигурен триумф од 3-1 против градскиот ривал Македонија Ѓорче Петров го отвори пролетниот дел на сезоната во Првата лига на Македонија. Актуелниот лидер во шампионатот воедно им се реваншираше на Лавовите за поразот кој го претрпеа на истиот терен во август минатата година.
За успешен старт на вториот дел на сезоната, победата на составот на Александар Васоски ја осигураа Јунињо во 37-та, односно Ибиши и Цветаноски во 50-тата и 59-тата минута. На нешто повеќе од дваесетина минути до крајот на дуелот, Паду го постигна почесниот гол за гостите од Ѓорче Петров.
Вардар така ја прекина низата на противникот од пет меча без пораз во шампионатот, а со оваа победа се зацврстија на врвот на табелата со 39 бода, односно 11 повеќе од Шкендија која утре гостува кај Академија Пандев. Лавовите засега остануваат петти со 26 бода по 19 првенствени меча.