Деле Али уште шест години во дресот на Тотенхем

Навивачите на Тотенхем брзо го заборавија вчерашниот пораз од Манчестер сити (0-1) бидејќи денес потпиша нов договор еден од нивните миленици во тимот. Деле Али ја обнови соработката со „петлите“, потпиша шестгодишен договор со кој ќе остане во Лондон најмалку до 2024 година.

Дваесет и двегодишниот Англичанец во јануари 2015 година пристигна од редовите на нисколигашот МК Донс само за пет милиони фунти и брзо се наметна како еден од лидерите на тимот. Али вкупно има одиграно 153 натпревари во сите конкуренции за Тотенхем, на кои постигна 48 погодоци. Непосредно по трансферот во Тотенхем, Али дебитираше и за англиската репрезентација, а досега настапил на 31 натпревар за „Гордиот Албион“.

„Уживав во секој момент кој го поминав во Тотенхем. Со нетрпение чекам да видам што ќе се случува во иднина“, се огласи Али преку социјалните мрежи по потпишување на договорот.

Играчот за врска се приклучи на останатите првотимци кои ставија потпис на нов договор, претходно потпишаа: Хари Кејн, Сон Хеунг-мин и Ерик Ламела.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести