Седумкратниот словачки фудбалски шампион МСК Жилина оди во болен процес на ликвидација и им дозволи на сите фудбалери од 30 април да си бараат нова средина.
„Процесот е болен за нас, но во услови на криза не можеме да ги плаќаме фудбалерите. Веќе овластивме адвокати да го почнат процесот на ликвидација, која може да биде изведена во кус рок, но и да трае подолго време“, објавија од Жилина.
Клубот има 111-годишна традиција, а во вакви случаи на прогласен банкрот, би требало да следи и административна забрана за настап во Првата лига.
Жилина пред прекинот на првенството поради Коронавирусот беше второпласирана на табелата, а интересно е дека во Словачка нема правило што третира ваков потег, ликвидација на клуб.
Во дел од поразвиените фудбалски земји, клубот би бил префрлен во понизок ранг, а од Жилина најавуваат дека ќе се обидат да продолжат да играат и да го почнат одново со младинци и со фудбалери од уште помлади категории.