Дел од навивачите на Шалке 04 се откажаа од поврат на парите за сезонските билети, а клубот очекува акцијата да биде масовна за да му се помогне на миленикот на Гелзенкирхен полесно да ја преброди кризата.
Од Шалке упатија апел и сите симпатизери што имаат купени билети за мечевите што не се играат поради кризата со Коронавирусот да не ги бараат парите назад, а за возврат за сите нив ќе има подарок од клубот, специјално изработен дрес.
Предвидувањата во Германија се дека епидемијата поради која се прекинати сите фудбалски активности ќе им донесе огромна штета на клубовите, а ударот е толку голем што ако нема вакви акции и подршка од навивачите и од фудбалерите, кои прифаќаат намалување на платите, дури е загрозен и опстанокот на дел од клубовите.
Една од највлијателните навивачки групи на клубот од Гелзенкирхен се популарните Уге, кои се збратимени со Комити, најверните симпатизери на Вардар. Пријателството трае од 2004 година, кога двете екипи играа меѓу себе во меч од Интертото купот.