Тони Паркер како играч беше вистински лидер на теренот. Плејмејкерот со Сан Антонио стигна до четири титули во НБА-лигата, а беше предводник и на француската репрезентација. По завршување на играчката кариера, Паркер продолжи да ги покажува лидерските способности, но овојпат на друго поле.
Еден од најдобрите француски кошаркари во историјата сега е претседател на најдобриот тим во Франција АСВЕЛ, како и мнозиски сопственик на женскиот тим Лион Баскет.
Покрај кошаркарските лидерски способности, амбициите на Паркер се да се покаже и во фудбалот. Неговото име се споменува како можен претседател на еден од најславните француски клубови, а тоа е Олимпик Лион.
На чело на Лион во моментов е Жан-Мишел Ола, кој најави дека кога ќе наполни 75 години, планира да се пензионира, а како негов наследник се споменува Паркер. Ола сега има 71 година, што значи дека Паркер треба да чека барем четири години за да може да добие шанса да се докаже и како прв човек на фудбалскиот тим Олимпик Лион.
„Сигурно дека нема да можам да одбијам ако еден ден ми понудат да управувам со Лион. Знам дека претходно имам многу да научам, но чест би ми било ако Жан-Мишел Ола токму мене ми го отстапи местото“, рече Паркер.