Напаѓачот на Арсенал, Пјер-Емерик Обамејанг, треба да игра во клуб со поголеми амбиции, смета претседателот на габонската фудбалска федерација, Пјер-Алајн Мунгенги. Со неговата изјава упати низок удар кон Топчиите кои веќе неколку години тапкаат во место и не се во конкуренција да се борат за трофеи.
„Обамејанг моментално игра за Арсенал, клуб кој колективно потфрла во своите цели. Не сакам да го навредам клубот дека не е амбициозен, но за разлика од останатите европски гиганти, тие се далеку послаби. Затоа, Обамејанг треба да игра за поамбициозен клуб со кој ќе може да си ја збогати кариерата со трофеи“, истакна Мунгенги.
Според актуелниот договор Обамејанг ќе биде член на Арсенал до јуни 2021 година, а Артета пред извесно време откри дека сака да го задржи на подолг период бидејќи е еден од клучните играчи во екипата.
Габонецот на „Емирати“ пристигна во јануари 2018 година од редовите на Борусија Дортмунд за сума од 56 милиони фунти. Се најде во две ситуации да освои трофеј, меѓутоа загуби во финалињата од Карабао купот и Лигата на Европа, а единствено одличје како играч на Топчиите му е Златната копачка во Премиер лигата од минатата сезона, која ја дели со Мо Салах и Садио Мане од Ливерпул со по 22 гола.