Холанѓаните се посрамотија во анкетата на магазинот „Фудбал интернешнл“ и го избраа Мино Рајола за највилијателен човек во историјата на холандскиот фудбал.
Агентот за купопродажба на фудбалери има италијански и холандски пасош, а според гласовите во анкетата, го победи и легендарниот Јохан Кројф.
Откако дозна за признанието, и самиот Рајола на индиректен начин призна дека незаслужено го доби признанието.
„Јас не сум фудбалска икона како Јохан Кројф, човек што го смени фудбалот во последните 50 години. Неговото дело и идеи сè уште се свежи и актуелни и по неговата смрт. Сепак, благодарен сум за признанието бидејќи луѓето го препознаа и моето дело во насока на развој на фудбалот“, изјави познатиот менаџер, еден од највлијателните на планетата.
Во конкуренција за највлијателен Холанѓанец во светот на фудбалот беа 50 фудбалери, менаџери, тренери, спортски директори, маркетинг-експерти што работат во и за фудбалот.
Холандија има стотици легенди што оставиле длабока трага во светскиот фудбал, а меѓу нив покрај Кројф, се и Гулит, Рајкард, Михелс, браќата Ван Керкоф, Нескенс, Резенбринк, Стам и уште многу други вредни фудбалски Лалиња.