Првенството да биде прекинато и да нема прогласување на шампиони за сезоната 2019/2020 година во машка и женска конкуренција е ставот на кошаркарската федерација кај нас. ОД КФСМ испратиле допис до членовите на Упраниот Одбор во кој во неколку точки го даваат својот предлог за тоа како да се финишира прекинатото кошаркарско првенство на Македонија.
Ви го пренесуваме дописот во целост, а подоле и реакцијата на актуелниот шампион и лидер во досегашниот дел од првенството МЗТ Скопје Аердором. Штрковите дефинитивно се против оваа одлука на КФСМ, а во наредните денови се очекува и конечен расплети.
Прочитајте го дописот испратен од КФСМ:
На ваквиот став на КФСМ, следуваше реакција од МЗТ Скопје Аеродром. Од таборот на актуелниот првак имаа подолга реплика и образложение зошто не се сложуваат со овој предлог на првите луѓе на Федерацијата. Во целост ја пренесуваме и реакцијата на тимот од „Јане Сандански“:
„По едномесечно, непотребно, чекање, Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) денеска првпат, официјално, до членовите на Управниот одбор, го изнесе својот став за суспендираното првенство, кое, според нив, треба да заврши – без прогласување шампион и без испаѓање.
Без разлика што е во ек на пандемија со коронавирусот, кога сите сили ни се насочени кон борбата против невидливиот непријател, во која се вклучи и нашиот клуб со финансиска донација и со откажување од парите кои ни следуваат од државата, не може, а да не се почувствуваме повредени, па дури и навредени од размислувањето на господинот Перо Антиќ и неговите соработници, а до кое е дојдено со помош на нивните советници и „коалициски партнери“. Предлогот содржи неколку небулози и правно неиздржани работи, кои, ако се усвојат, сигурно ќе им донесат и покани за на суд.
Прво што не ни е јасно е зошто не се прогласува шампион. Одиграни се 17 кола, што е повеќе од 60% од предвидениот број средби за регуларниот дел од сезоната. МЗТ Скопје Аеродром, без разлика што играше на два силни фронта со по две средби неделно и со многу далечни патувања помеѓу, има јасна предност од две победи пред конкурентите, а сите тимови имаат еднаков број одиграни средби. Вакви ситуации имаше во поголем број европски држави, кои без никаква дилема лидерот го прогласија за шампион, а меѓу нив се и редовни учесници на Европските првенства како Полска, Литванија, Летонија, Украина, Белгија и БиХ. Секако, имаше и такви кои прекинаа и без прогласување шампион, но тоа најчесто беше поради тоа што одредени тимови не играа во првиот дел од домашниот шампионат (Словенија, а најверојатно и Србија), како и поради тоа што сите немаа одиграно исто број средби (Хрватска).
Второ што ни боде очи во ставот на КФМ е нелогичноста околу крајниот пласман, кој, според нив, е доволно добар да биде користен при поделбата на спортските ваучери за 2021 година, ама не е добар за прогласување шампион. Зошто? Која е разликата? Ако се важи пласманот за едно, тогаш тоа треба да се случи за сѐ, вклучувајќи го и делот што, очигледно, им боде очи на Антиќ и неговите соработници и „коалициски партнери“. Кому му пречи МЗТ Скопје Аеродром да биде прогласен за првак, во јасна ситуација, со 60% и повеќе одиграни средби од регуларниот дел од сезоната и убедлива предност пред конкурентите.
Не ни е пријатно во вакви времиња, кога борбата за здравјето ни е главен приоритет, да размислуваме за работи како пласман и титула. Но, живот ќе има и по пандемијата, а тогаш ние како управа ќе треба да дадеме отчет каде сме ги потрошиле парите во сезоната 2019/20. МЗТ Скопје Аеродром е клуб на општина Аеродром и оттаму ќе сакаат да знаат каде е потрошен буџетот, во кој и таа партиципира со одреден процент. Дали тогаш ќе треба да ги препратиме кај Антиќ и КФМ, па тие да им кажат како е можно да се потрошат значителни средства за да се дојде до првото место со 14 победи и само три порази, а ттие потоа да биде поништени со еден потпис на хартија. Пу, пу, не важи. Кошевите, победите, па и нервозите по неколкуте неуспеси како воопшто да не биле.
Зошто тогаш сме уплатиле повеќе од еден милион денари во касата на КФМ на име на котизации, казни, лиценци за странски кошаркари, ако тоа што сме го одиграле всушност и не постои. Кој ќе ни ги врати парите? Кој ќе ни ги рефундира платите кои сме им ги исплатиле на нашите играчи за да дојдеме до тие 14 победи, а за кои сега ни велат дека како воопшто да не се случиле?
Господа членови на Управниот одбор на КФМ, на вас е да им укажете на Антиќ и соработниците дека ова не е исправен потег. Дека не може така лесно да се избрише нешто за што е вложен многу труд, пот и пари. Не сме ние виновни што сме први. Истиот став ќе го имавме да беа први Работнички или Гостивар. Едноставно, тоа е правилниот став. Се надеваме дека вие, членовите на кошаркарската Влада, ќе донесете исправна одлука, односно единствената правилна одлука во моментов.
Ќе го прекинете првенството поради не можноста тоа да продолжи со оглед на пандемијата и ќе го прогласите пласманот по 17 коло за валиден и важечки и тоа за – СЀ. За потоа, откако ќе го победиме заедничкиот непријател, да можеме без опашки и проблеми повторно да му се вратиме на тоа што го сакаме најдобро – кошарката“, стои во долгото соопштение на МЗТ Скопје Аеродром.