Висар Муслиу го одигра целиот меч за МОЛ Фехервар во полуфиналето на унгарскиот куп со Мезоковеш и во кам-бекот на фудбалските терени по повеќе од два месеци се радува на добар резултат, 1:1 на гостински терен.
Вториот македонски репрезентативец Бобан Николов влезе во игра во 77. минута кај гостите, па и тој доби шанса за настап по долгата пауза. И за него и за Муслиу важен е добриот резултат што ги води на чекор до финале и меч за пехарот во купот.
Гостите поведоа со голот на Паткаи во 12. минута, израмни Пилар во 80. минута, за реми 1:1, што му овозможува на фаворитот МОЛ Фехервар поспокојно да го чека реваншот на 26. мај на својот стадион.
И двата дуели се без публика, а ова беше вториот меч што се одигра во Унгарија денеска, по долгата пауза поради Коронавирусот.
Рестартот го обележаа Ференцварош и Дебрецин од 16 часот. Во заостанат меч славеше популарниот Фради со 2:1. По нив од 18 часот Мезоковеш и МОЛ Фехервар ги почнаа полуфиналните двомечи во купот, а од 20 часот во првиот меч од полуфиналниот двомеч ќе играат МТК и Хонвед.